Менаџмент на одржлив развој во туризмот - 2 години

Студиската програма на англиски јазик Менаџмент на одржлив развој во туризмот на вториот циклус двегодишни универзитетски студии како идеја произлезе од плодната соработка помеѓу Факултетот за туризам и угостителство – Охрид и Универзитетот за одржлив развој во Еберсвалде, Германија. Притоа при конципирањето на студиската програма е предвидено предметните програми да се реализираат од тим на универзитетски професори, составен од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и од Универзитетот за одржлив развој од Еберсвалде, Германија. Со ова на студентите им се дава уникатна можност да следат предавања од професори од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, институција која има традиција од 45 години во научното истражување на туризмот, како и од еминентни професори од Универзитетот за одржлив развој во Еберсвалде, Германија, земја која е позната по грижата за животната средина и одржливиот развој.

Покрај предавањата, интерактивната настава, вежби и другите видови на методи на учење програмата предвидува и оганизирање на тематски меѓународни семинари со партнерски универзитети, како и еднонеделна студиска екскурзија која треба да опфати примери од одржлив туризам во одреден регион во странска земја.

Оваа програма опфаќа 6 задолжителни и 4 изборни предмети кои на студентот му обезбедуваат 120 кредити. Со завршувањето на академските студии од вториот циклус, односно со постигнување 300 кредити студентите магистрираат и се стекнуваат со звање Магистер по менаџмент на одржлив развој во туризмот (МА in sustainable tourism management).