Царина и шпедиција - 2 години

Последипломските студии на студиската програма по Царина и шпедиција на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се воспоставени уште во 1989 година, а од 2009 година во согласност со Болоњскиот процес се воведени Мастер студии. Студиската програма на втор циклус академски студии по Царина и шпедиција беше изменета и дополнета во 2010 година, со што беше усогласена со измените и дополнувањата на Законот за високо образование. Покрај двегодишните академски студии по Царина и шпедиција на втор циклус на студии по моделот 3+2, ФТУ – Охрид има воспоставено и студиска програма за едногодишни магистерски академски студии на студиската програма Царина и шпедиција по моделот 4+1. Оваа студиска програма според националната рамка на високообразовните квалификации припаѓа на втор циклус на студии – магистерски академски студии 60 кредити – VIIA, со времетраење од 1 година, односно 2 семестри. Со завршувањето на академските студии од вториот циклус на студии, студентите се стекнуваат со диплома Магистер по царина и шпедиција (MA in Customs and freight forwarding).

 Вториот циклус на студиската програма овозможува повисоко и попродлабочено ниво на специјализација на студентите од областа на царината и шпедицијата преку подетализирано изучување на наставни дисциплини кои нудат напредно ниво на познавања од споменатите области. При тоа доминира научната димензија и пристап во совладувањето на одделните тематски подрачја, сé со цел да се едуцираат стручни и компетентни кадри од областа на менаџмент во царинското и шпедитерското работење кои ќе поседуваат стручни знаења и вештини кои ќе можат да ги применат во практиката. Во рамките на овој циклус студентите се оспособуваат за научно-истражувачка работа, како и креирање и спроведување на соодветни политики во областа на царината и царинското работење, шпедитерското работење, истражни и разузнувачки активности, интегрирање кон европскиот царински систем и сл. Студиската програма нуди проучување на царинските постапки, царинскиот систем на ЕУ, царинскиот криминалитет, меѓународните царински конвенции и институции, менаџментот во царинското и во шпедитерското работење, како и листа на изборни предмети со кои на студентите им се дава можност самостојно да го детализираат својот стручен профил со научни дисциплини за кои имаат најголем интерес. Со тоа, оваа студиска програма едуцира стручни и компетентни кадри од областа на царината и шпедицијата, кои по завршувањето на вториот циклус на студии ќе поседуваат стручни знаења и вештини за да водат шпедитерски организции, но и да можат да одговорат на предизвиците на менаџерските позиции во големите корпорации и царинската управа на Република Македонија.

После совладувањето и положувањето на предвидените испити, студентите изработуваат задолжителен научно-истражувачки труд, односно магистерски труд, истиот го бранат на јавно организирана одбрана и со тоа со завршуваат вториот циклус на акaдемски студии по Царина и шпедиција.

Елаборат: