„Охридска софра” за симболичен крај на туристичката сезона

Во живописното Скребатно, во атарот на еден од најубавите манастири “Света Богородица” уште рано утрово се распалија огновите, домаќинките ги засукаа ракавите приготвуваа традиционалните вкусни јадења по рецептите на своите мајки и баби. На охридската трпеза главно место зазеде ѓомлезето, потоа питулици, комади и други јадења подготвени под традиционалниот сач. Мажи и жени се натпреваруваа кој повкусно ќе зготви.

- Научив јас од дете мало од тука сум од селото мајка ми како што правеше јас гледав и научив, вели Крсте Кантароски учесник на Охридска софра.

- Ова е ѓомлезе го правиме со вода, брашно сол и масло се печи под сач. На дрва е печено и затоа многу е вкусно за јадење, вели Лојза Јанеска учесник на Охридска софра.

Студентите на Факултетот за Туризам и Угостителство и годинава подготвија вкусни охридски специјалитети зелник со праз, турлитава,  полнети пиперки, комади и питулици.

- Сметам дека оваа манифестација треба  организациски да биде се поквалитетна  да добие поголема масовност да стане интересна за странците бидејќи на тој начин се продолжува туристичката сезона , вели Ангела Крстаноска Василеска  професор на ФТУ Охрид.

Во традиционалните вкусни јадења најмногу уживаат странците, а Охрид има навистина што да понуди. Манифестацијата “Охридска софра” која по трет пат се организира во Скребатно има за цел да го поттикне развојот на руралниот туризам.